Friday, January 10, 2014

ДАЛИ БОЖЈИТЕ ЗАПОВЕДИ ВАЖАТ И ДЕНЕС?


Ажурирано на 21.05.2020:

За сите вас, драги мои пријатели кои можеби ги читате ови мои објави!

Сакам да ве известам дека од 13.2.2016 година, се крстив во Свети Дух, и како доказ за тоа го добив дарот да зборувам во непознат молитвен јазик - го вкусив она што и апостолите на Исус го доживеаја на првиот Духовден (Дела апостолски, второ поглавје). Сите овие години јас сум сведок на многу чуда во мојот живот, и во животите на многу мои браќа и сестри од Црквата Блага Вест во Република Македонија!
Една од позначајните работи што Бог Светиот Дух ја направи за мене е тоа што ми помогна да се ослободам од заблудата која ја носев долги години - а тоа е дека Старозаветната заповед за важноста на саботата е актуелна и денес, за нас Христијаните. 

Долги години ја почитував заповедта за неработење во сабота, но со текот на времето започнав да се чувствувам дека сум заробена во душата, во себе носев постојано вина, поради сознанието дека никогаш не можам да ја држам онака, како што треба... Се што правев, дури и најмали активности - ми се чинеше како да правам грев, така што постојано носев вина и вознемиреност во себе, кои во еден момент станаа неподнослива. 
Сепак, Слава на Бога, Светиот Дух ми покажа дека јас сум била во заблуда сите овие години! Старозаветната заповед за неработење во Сабота не е за нас Христијаните! За нас - ИСУС Е НАШИОТ МИР, НАШИОТ ОДМОР И ПОЧИНКА! Како што е и Пат, Вистина и Живот; како што Светлината на светот; како што е нашиот Небесен Леб и Оној Кој дава Животодавна Вода...
Стариот Завет е СТАР и затоа на сила стапи Новиот Завет. А кога нешто е старо и заменето со ново нема сила. Еве како јас гледам на работите денес:

Стариот Завет беше склучен помеѓу Бог и Еврејскиот народ, и беше потврден со крв од заклани животни (Евреите 9:19-22)
Новиот Завет е склучен со пролеаната Крв на Исус Христос, Совршеното Божјо Јагне, творејќи на тој начин мир помеѓу Бог и секој човек што Го признава Исус Христос за Божји Син и за Свој Господ и Спасител.
Во Стариот Завет човек се стекнувал со праведност така што го држел Мојсеевиот Закон (10те заповеди и церемонијалните - обредните закон).
Во Новиот Завет праведноста се стекнува исклучиво преку вера во Исус Христос.
Во Стариот Завет, Бог ги испишал 10 заповеди во камени плочи.
Во Новиот Завет, Божјите заповеди  се запишани во човечкото срце. (Евреите 8:10)
Тие заповеди на љубовта, Господ Исус Христос од 10 ги сведе на две заповеди: 1) Љуби Го Господа Својот Бог со сето срце, душа и ум (во која се содржани од првата до четвртата заповед) и 2) љуби го својот ближен како себе си (во која се содржани петтата до десеттата заповед) (Матеј 22:37-40). 
Во Новиот Завет ни се открива дека Љубовта била ЦЕЛ и ИСПОЛНУВАЊЕ на Стариот Завет (1 Тимотеј 1:5, Галатјаните 5:15 и Римјаните 13:10). Затоа Исус рече дека по љубовта ќе не познаат дека сме Негови ученици. 

И конечно, за она што го носев како долгогодишно упориште во својот ум во однос на Старозаветната заповед за починка (на Еврејски „Шабат“):

Во Стариот Завет била дадена заповед за починка во седмиот ден.
Во Новиот Завет починката не е ден, туку личност. Таа Личност се вика ИСУС ХРИСТОС. („Зашто Тој е нашиот МИР, Кој од двете направи едно, и го разурна преградниот ѕид, што ги делеше“ - Ефесјаните 2:14)
Слава на Бога Кој си остана верен на Неговото Слово дека ако некој од нас мисли поинаку, Бог тоа и ќе ни го открие преку Светиот Дух, - Духот на Вистината, кому треба да сме послушни за да не Го ожалостиме! (Филипјаните 3:15)

Затоа сакам да кажам дека не стојам повеќе зад овој текст, објавен на 10 јануари, 2014 година!

МОРАЛНИОТ ПАД НА ЧОВЕШТВОТО


Еден од знаците за крајот на светот, кој Исус им го предочил на своите ученици е напуштањето на Божјите Заповеди, како морален кодекс на однесување на луѓето. Моралниот пад на човештвото е навистина очигледен во денешно време, преку постојаните примери на прељуба меѓу брачните партнери, блуд (слобода во одржување на сексуални односи надвор од брак), кражби, измами, проневери, убиства...


Матеј 24: 12 И заради многу беззаконија, љубовта ќе олади кај мнозина.

            Божјите Заповеди во овој 21 век  се повеќе од било кога напуштени и сметани за застарени. Повеќето луѓе сметаат дека 10те Божји Заповеди им биле дадени само на Израелците, а останатите луѓе не се должни да ги почитуваат. Новозаветните Христијани сметаат дека не се обврзани да ги почитуваат Заповедите, бидејќи преку верата во Исус се наоѓаат под Божјата Благодет.

Но дали е тоа навистина така? Што мислите вие? Да го провериме изворот  - самото Свето Писмо:

Во Стариот Завет е запишано дека Десетте Божји Заповеди се важни не само за Израелците, туку и за сите други луѓе, кои ќе сметаат дека Богот на Израелците е вистински Бог, така што и самите ќе почнат да ја практикуваат својата вера во Него, со почитување на Законите:

Броеви: 15:15 Нека е еден закон и за вас и за туѓинецот, кој живее среде вас. Тоа е вечен закон за вашите поколенија: пред Господа, како што е со вас, така нека биде и со странецот, кој живее среде вас. 

Во Новиот Завет, Самиот Исус, кој е авторот на нашата вера Рекол:

Матеј 5: 17, 1817 ”Не мислете дека дојдов да ги поништам Законот и Пророците! Не дојдов да ги поништам, туку да ги исполнам. 18 Зашто вистина ви велам, додека не поминат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ја снема од Законот, додека не се збидне сè.

Во случај да сте ги заборавиле, или уште полошо, никогаш да не сте се заинтересирале да дознаете кои се Десетте Божји Заповеди, еве го Библискиот цитат од Стариот Завет  (Излез 20: 1-17):


Десетте Заповеди

 „Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството.
I
Не ќе имаш никакви други богови покрај Мене.
II
Не ќе си правиш врезан лик, ниту некаква слика на она што е горе во небото, или долу на земјата, или во водата под земја. Не ќе им се поклонуваш ниту ќе им служиш, зашто Јас, Господ, твојот Бог, Сум ревнив Бог. Ја посетувам неправдата на татковците - на оние кои Ме мразат - на децата до третото и четвртото поколение, а покажувам милости на илјадници, кои Ме љубат и ги пазат Моите заповеди.
III
Не ќе го изговараш напразно името на Господа, твојот Бог, зашто Господ не ќе го остави неказнет оној кој го зема напразно Неговото име.
IV
Помни го саботниот ден, за да го осветуваш. Шест дена ќе работиш и ќе ги вршиш сите свои работи. А седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог. Тогаш никаква работа не ќе работиш: ни ти, ниту твојот син, ниту твојата ќерка, ни твојот слуга, ниту твојата слугинка, ниту твојот добиток, ниту странецот што е внатре во твоите порти. Зашто во шест денови Господ ги направи небото и земјата, морето и сè што е во нив, а на седмиот ден се одмори. Затоа Господ го благослови и го освети саботниот ден.
V
Почитувај ги твојот татко и твојата мајка, за да ти се продолжат дните на земјата, која ти ја дава Господ, твојот Бог.
VI
Не ќе убиваш!
VII
Не ќе прељубодејствуваш!
VIII
Не ќе крадеш!
IX
Не ќе сведочиш лажно против твојот ближен!
X
Не ќе го посакуваш домот на твојот ближен! Не ќе ги посакуваш: жената на твојот ближен, ни неговиот слуга, ниту неговата слугинка, ни неговиот вол, ниту неговото осле, ни што и да е што му припаѓа на твојот ближен!”

(Законите се повторени во Второзаконие 5:6-21)

Дали ја забележувате структурата на Божјите Заповеди? Првата заклучно со Четвртата Заповед се однесуваат на начините на кои покажуваме љубов и почит кон Бога; Петтата, заклучно со Десеттата Заповед претставуваат Заповеди, со кои покажуваме љубов и почит кон луѓето.

Почитувањето на Бог преку практикувањето на Божјите Заповеди е тема од посебно значење. Така, во Стариот Завет, Пророкот им се обратил на своите сонародници со зборовите:

4 „Чуј, Израелу! Господ е наш Бог, Господ е Еден!
5 Затоа љуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила!
6 Овие зборови што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето.
7 Напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш.
8 Врзи ги на својата рака за знак, и нека ти бидат како запис меѓу очите!
9 Напиши ги на довратниците на својата куќа и на своите врати!
(Второзаконие 6:4-9)

Самиот Исус ја повторил важноста на Заповедите со тоа што рекол:

36 ”Учителе, која е големата заповед во Законот?”
37 А Тој му рече: „Љуби Го Господа твојот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа и со сета твоја мисла!”
38 Тоа е најголемата и прва заповед;
39 а втората е како и оваа: „Љуби го твојот ближен како себеси!”
40 На тие две заповеди висат сиот Закон и Пророците.”
(Матеј 22: 36-40)

Исус исто така им кажал на своите ученици:
12 Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве љубев вас.
13 Никој нема поголема љубов од оваа: да го положи сопствениот живот за своите пријатели.
(Јован 15:12 , 13)

Овие Зборови на Исус покажуваат дека почитувањето на Заповедите е еднакво со покажување Љубов.


По сево ова кажано, јас би сакала да се навратам на една Заповед, која е особено занемарувана и најчесто прекршувана, дури и од самите Христијански вероучители и пастори – Заповедта за почитување на Седмиот ден.. Библијата јасно укажува дека Седмиот ден е Саботата, а во поголемиот дел од Христијанскиот свет како седми ден е почитувана неделата..
Ако почнете да истражувате како што и јас истражував – ќе забележите дека различни Христијански деноминации имаат различни оправдувања за тоа, зошто е напуштено почитувањето на Саботата како ден за одмор, кој е од Бога назначен како Свет и Благословен!
Сите (или повеќето) чекаат да дојде Сабота, па да одат на пазарење или по дома да чистат, готват, перат, итн. Никому не му паѓа на памет да одмори во Сабота; Ако и треба да се одмори ќе се одмори во недела, која на календарчето е обележена како седми ден во неделата...

                                                                             ГРЕШКА!

Ова се зборовите на Исус:

Јован 14:15 ”Ако Ме љубите, ќе ги пазите Моите Заповеди“.

Јован 15:10 „Ќе останете во Мојата љубов, ако ги запазите Моите Заповеди, како што и Јас ги запазив заповедите на Мојот Татко и останувам во Неговата љубов.“

Ние како Христијани треба да се угледаме на Исус во се’:

1 Коринтјаните 11:1 „Угледајте се на мене (вели апостолот Павле), како и јас на Христа“.

Едноставна е логиката нели; Ако Исус ја почитувал Саботата како света – должни сме и ние да ја почитуваме. И тоа нема да ни биде тешко, бидејќи Бог нам, Новозаветните верници ни ги Врежал Своите Заповеди во срцата, за да ни биде лесно да ги почитуваме и да го правиме тоа заради Љубовта кон Бога!

Евреите 10:16  Ова е заветот, кој ќе го склучам со нив по оние денови, вели Господ, ќе ги положам Своите Закони на нивните срца и ќе ги напишам на нивниот ум,

Ако е така, како тогаш треба да го имитираме Христа и како да се однесуваме во Сабота? Едноставно така што ќе го следиме Неговиот модел на Однесување; Исус во саботите се сретнувал со верниците во верските објекти и сите заедно го проучувале Законот (Светото Писмо) или правел некои добри дела.

Еве што ние како Христијани можеме да направиме: Да се собираме во Саботите за да ја проучуваме Библијата заедно, да се молиме едни за други, да посетиме болни членови од семејството, или некои кои се во затвор...
Едноставно, правењето добри дела е добар и пожелен начин како да ја поминеме Саботата, бидејќи и Самиот Исус ни’ кажал дека се што ќе му направиме на најмалиот меѓу нас – Нему Му правиме (Матеј 25: 34-39).

Но не заборавајте: и неправењето ништо, - ЕДНОСТАВНО ОДМОРАЊЕТО  Е ПОЧИТУВАЊЕ НА ОВАА ЗАПОВЕД.

Ние сме создадени според Божјиот Лик! Ако Бог во Седмиот ден – Саботата, кој го прогласил за свет и благословен ден се Одморал – и ние треба да одмориме.

Битие 1:27  Бог го создаде човекот во Својот лик, Тој го создаде во Божјиот лик; ги создаде машко и женско.

Битие 2: 1-3
1 Така беа довршени небото и земјата со сето свое воинство.
2 И на седмиот ден Бог ги заврши Своите дела, што ги направи. И се одмори во седмиот ден од сите Свои дела, што ги направи.
3 И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во него се одмори од сите Свои дела, кои ги создаде Бог и ги направи.

Како за крај – еве што вели последната книга од Новиот завет – Откровението:

17 И змевот (сатаната) се разгневи на жената и отиде да војува против другите од нејзиното семе, против оние, кои ги пазат БОЖЈИТЕ ЗАПОВЕДИ и го имаат Исусовото сведоштво.

Значи драги Христијани – отворете ги вашите Библии (доколку ви стојат како украс на некоја полица во вашиот дом,  веројатно покриени со прашина од неупотреба) или купете си веднаш –ако немате и ПОЧНЕТЕ ДА ЧИТАТЕ!

Светиот Дух е Тој, Кој ќе ве води во сета вистина додека читате и ќе ве „измие“; Бидејќи непознавањето на Божјото Слово ве прави валкани во Божјите Очи, колку и да сте добри и праведни, и само преку читањето на Библијата, со вера во Христа секако -  е тоа што ќе ве води по тесниот пат, право во прегратките на Отецот!

Ефесјаните 5:25-27
25 Мажи, љубете ги своите жени, како што и Христос ја возљуби Црквата и Се предаде Сам Себеси за неа,
26 за ДА ЈА ОСВЕТИ, ОЧИСТУВАЈЌИ ЈА СО ВОДНО КАПЕЊЕ ВО СЛОВОТО,
27 и да ја претстави пред Себе славната Црква, која нема дамка, ниту брчка, или нешто слично, за да биде света и непорочна.

Матеј 7: 13-14
13 ”Влезете низ тесната врата, зашто широка е вратата и простран е патот, што водат кон пропаст, и мнозина се, кои влегуваат низ неа.
14 Зашто тесна е вратата и тесен е патот, што водат во живот, и малцина се кои го наоѓаат.”


Јован 14:6 Исус му рече: „Јас Сум Патот, и Вистината, и Животот. Никој не доаѓа при Татко Ми, освен преку Мене.

Осија: 4:6 МОЈОТ НАРОД ГИНЕ: НЕМА ЗНАЕЊЕ; ЗАШТО ТИ ГО ОТФРЛИ ЗНАЕЊЕТО, и Јас те отфрлам тебе од Моето свештенство; зашто го заборави Законот на Својот Бог, и Јас ќе ги заборавам твоите синови. 

Римјаните 3:31 Според тоа, дали го укинуваме Законот преку верата? Далеку од тоа! Туку, со тоа го утврдуваме Законот.

Римјаните: 6:15 Па што? Да грешиме ли, зашто не сме под Законот, а под благодатта? Тоа никако!




No comments:

Post a Comment