Thursday, September 12, 2013

ДАЛИ СТЕ СВЕТИ?


ЗА СВЕТОСТА

Светоста е тема на која е посветено многу простор во Библијата. Зборот „светост“ во Библијата се повторува 25 пати, а зборот „свети“ 111 пати.
Но на оваа тема малку се зборува во Христијанските Цркви. Се прашувам, кој има корист од едно вакво „евтино и преполовено евангелие“, во кое се зборува само за Божјата Милост и Љубов кон човекот, а се занемарува неопходноста да се биде свет? Пасторите? Христијаните?

Одговорот е НИКОЈ!!!

Дали ова малку ве загрижи?  Ако мислите дека ниту еден човек, од мајка роден во овој свет не е „совршен и свет“, тогаш грешите, бидејќи ако ни е дадена заповед од Бога да бидеме свети, тогаш Тој и не „опремува“ со сè што ни е неопходно за да бидеме свети. Таа „опрема“ е ветеното присуство на Светиот Дух во Христијаните, кога свесно, со голема и искрена желба ќе посакаат да чекорат во согласност со Божјата волја.

Еве некои од поважните Библиски стихови на тема СВЕТОСТ:
Левит: 11:44 Зашто Јас Господ Сум ваш Бог: осветувајте се да бидете свети, зашто Јас Сум свет! Не валкајте ги вашите души ниту со едно животно што ползи по земјата!
11:45 Да, Јас Сум Господ; ве изведов од Египетската Земја за да ви бидам Бог. И така бидете свети, зашто Јас Сум свет!’
19:2 „Зборувај му на целото општество на Израелевите синови и речи им: ‘Бидете свети, зашто Сум свет Јас Господ, ваш Бог!
20:7 Осветувајте се за да бидете свети, зашто Јас Сум Господ, ваш Бог.
20:26 Бидете свети пред Мене, зашто Јас, Господ, Сум свет; Јас ве одделив од народите, за да бидете Мои.’
Броеви: 15:40 Така ќе си спомнувате за сите Мои заповеди, ќе ги исполнувате и ќе бидете свети пред вашиот Бог.
1 Петрово: 1:15 туку според Светецот, Кој ве повика, бидете и самите свети во целото свое држење,
1:16 зашто е напишано: „Бидете свети, зашто Јас Сум свет.”
Евреите 12:14 Стремете се кон мирот со сите и кон светоста, без која никој не може да Го види Господа,
1 Коринтјани: 6:19 Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој е во вас, Кого го имате од Бога, па не си припаѓате само на себеси?
Па, ајде тогаш малку попрецизно да го разгледаме значењето на овој збор.

1. Зборот " светост" во својата суштина значи " морална добрина". Тој, исто така означува и "издвоеност" од останатото, „чистота“.

2. „Светоста“ означува и уникатност (единственост). Во Стариот Завет, светоста значела дека Израел бил поврзан со Бога. Ова го издвојува од другите народи, така што Божјото "присуство било во Израел." Од денешен аспект, ова е исто со престојувањето на Светиот Дух во личноста на верникот, и се гледа во описот на апостолот Павле, кој вели дека телото на верникот е „Храм“ на Светиот Дух .
Практично, ова исто така се однесува и на деталните инструкции дадени за култните предмети на Израелците (Ковчегот на Заветот, жртвениците, итн.), кои современите критичари (па дури и некои христијани) го занемаруваат. Она што е „посебно“, бара и посебен третман од останатото. Па така, и нашите тела треба да ги третираме како „свети храмови“, што значи да не ги изложуваме на лоши навики. Од истите причини, Ковчегот на Заветот требало да биде подготвен на многу посебен начин, со употреба на посебни материјали, и според точни упатства дадени лично од Бог, а не како некаков обичен сандак.

3. Светоста значи припаѓање на Бог. Светоста е двонасочна улица. Ние сме, како што беше Израел, зависни од Бога, а сега, во времето на Новиот Завет ова има значење дека Бог е нашиот патрон или заштитник, во една таква релација.
Во времето на Стариот Завет, тоа значело дека Бог потпишал (во Книгата Повторување на Законот) договор со луѓето, согласувајќи се да ги заштити. Условите сега се вечни и сотериолошки*, но принципот на односот на зависност останува ист.
Сотериологијата е студија за Божественото учество во спасот на човештвото, што во Христијанската Теологија е исполнето  преку Исус Христос.

4. Светоста значи да се живее со Бога. Кога зборуваме за светоста како двонасочна улица, тоа значи живот за Бога и живот во послушност кон Него. Во ова време кога важи Новиот Завет, би рекле дека Бог направи оваа послушност да ни е полесна, преку примањето на Светиот Дух кај оние кои се посветени верници, и дека таквата послушност, исто така, природно следи од нашето уверување дека Бог дејствувал преку Христос. Во времето на Стариот Завет, Израелците имале една заедничка цел во нивниот однос со Господ и биле обединети во своите приоритети да Го почитуваат Бога во потполност и со тоа, да го исполнат својот дел од Заветот.

5. Светоста значи да се биде „светлина“.  Бидејќи Бог Живеел помеѓу Израелците, тоа значело дека тие можеле да бидат претставници на Божјото присуство меѓу луѓето и да го пренесат тоа на другите луѓе (нации) околу нив.  Оттука, Израел бил како "светлина на народите" , а  следствено на тоа е и Новозаветниот повик на мисии.

Од сето ова може да видиме дека "светоста" кај еден Христијанин подразбира тој / таа да биде одвоен / одвоена од останатите луѓе, заради исполнување на Божјата Цел. Моралната добрина е вродена и кај луѓе кои не се Христијани или воопшто верници, но во случај кај Христијаните таа има значење само доколку со таква добрина може да им служи на Целите на Бог.

Светиот човек во Библијата е оној кој има исцртано линија околу себе, за да намерно се издвои од останатите луѓе во светот, што значи дека сè што прави, го прави за да ги исполни Целите на Бог.

Ова треба да го натера на размислување секој оној, кој себеси  се смета за Христијанин, бидејќи Бог многу јасно ни ставил до знаење дека БЕЗ СВЕТОСТ никој од нас нема да го види Божјото лице...


Image result for Holy Spirit