Monday, March 27, 2017

МНОГУМИНА СЕ ПОВИКАНИ, НО МАЛКУ СЕ ОДБРАНИ

Една третина од сите светски религии припаѓа на Христијанството, а тоа е околу 2,5 милијарди луѓе... Од нив, по бројност најмногу се истакнуваат  3 групи на Христијани: Католици - 1.200. милиони, Протестанти -800 милиони, Православни - 270 милиони...Тоа е навистина голема маса на народ.

Но има нешто загрижувачко тука; Исус Рекол, - „Многумина се повикани, но малкумина се избрани“ (Матеј 22:14).  Зошто? Ова Исус Го Кажал во контекст на параболата за Свадбата на Царскиот Син, кога многумина повикани, ја одбиле поканата поради зафатеност со световни работи, - 1)имоти, 2) бизниси и 3) световни врски. Работите од овој свет, им биле поинтересни, па така, тие кои биле поканети не биле засметани за достојни да присуствуваат на Свадбата на Царскиот Син. Од поканетите се нашол и еден кој не бил облечен во соодветна свадбена облека, односно имал гревови, кои не ги измил, повикувајќи се на откупната Крв на Јагнето Исус Христос. Таквиот бил исфрлен во „крајна темнина“.

Кога работите од овој свет ги ставаме пред БОГ, - правиме идолопоклонство, а тој грев се казнува со испраќање во пеколот. Звучи сурово, но тоа е реалноста...

А на страшливците и на неверните, и на гнасните и на убијците, и на блудниците и на вражалците, и на идолопоклониците и на сите лажци, нивниот дел им е во езерото, кое гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт.(Откровение 21:8)

Па како тоа, од толку многу верници, да се најдат толку малку, кои ќе бидат удостоени да влезат на Свадбата на Јагнето? Копнежот по световните работи и „квази Христијанството“ би бил одговорот...

Меѓу Христијаните се вовлекле традиции и обичаи, кои не се дел од изворното Христијанство. Исус не’ предупреди и за ова, Велејќи:

6А Тој им рече: „Добро пророкуваше Исаија за вас лицемерите, како што е напишано: ‘Овој народ Ме почитува со усните, а нивното срце е далеку од Мене;7напразно Ме почитуваат, учејќи науки, што се човечки повелби.’8Вие ја оставате Божјата заповед, а го држите човечкото предание.9Вие добро ја укинувате - продолжи Тој - Божјата заповед, за да го држите вашето предание! (Марко: 7:7-9)

За какви човечки обичаи,  преданија и традиции Зборува Исус?  
Меѓу Православните Христијани е распространет обичајот  да се слават слави на починати светци, при што луѓето им се молат на светците да посредуваат за нив пред Господа, во молитвите. Палат свеќи пред икони, ги бацуваат и ред други работи...
Католиците исто така, слават слави, се поклонуваат пред кипови на починати светци, а особено го имаат развиено култот за почитување на Дева Марија.
Никаде во Светото Писмо нема да најдете инструкции за такво нешто! Еве – да ги разгледаме најпрвин првите две од Десетте Божји Заповеди:

Првата Божја Заповед вели:
„Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството.3Не ќе имаш никакви други богови покрај Мене. (Излез 20: 2,3)

А Втората Божја Заповед вели:
4Не ќе си правиш врезан лик, ниту некаква слика на она што е горе во небото, или долу на земјата, или во водата под земја.5Не ќе им се поклонуваш ниту ќе им служиш, зашто Јас, Господ, твојот Бог, Сум ревнив Бог. Ја посетувам неправдата на татковците - на оние кои Ме мразат - на децата до третото и четвртото поколение,6а покажувам милости на илјадници, кои Ме љубат и ги пазат Моите заповеди (Излез 20:4-6)

Забалежуваме дека Бог за Себе Вели дека е Ревнив, односно е Љубоморен Бог. Тој не ја дава својата Слава на друг:
„... Па зар Моето Име да биде обесветено? Својата слава не му ја давам на друг! (Исаија 48:11)
8Јас, Господ Ми е Име, не му ја давам Мојата Слава на друг, ниту Својата чест на киповите. (Исаија 42:8)

Обожавањето (поклонувањето, бацувањето, славењето) на икони, кипови на било што, кое е слика на нешто создадено од Бога, па макар да се тоа и починати светци е грев, за кој Господ ги удира луѓето со проклетство, и тоа до 4 колено од нивното потомство! Зарем ова не ве застрашува? 
Молитвата упатена до умрените, за тие да се застапуваат за нас во молитва е грев кој се нарекува НЕКРОМАНТИЈА!

10Кај тебе нека не се најде некој, кој би ги гонел низ оган својот син или својата ќерка; кој би се бавел со гатање, чародејство, вражање и волшебништво;11никој кој би баел, кој би повикувал духови и души на предците или кој би се обраќал на покојниците.12Зашто му се гади на Господа, секој што прави нешто такво; заради таквите одвратности нив и ги гони пред тебе Господ, твојот Бог.13 Биди Му сосем верен на Господа, својот Бог (Второзаконие 18:10-13)

Ако мислевте дека ова е заповед од Стариот Завет и нема никаква важност за нас – Новозаветните Христијани, еве да ве потсетам што е првото на што не Учи Исус, - како да Му се молиме на Господа:

Туку молете се вака: „Татко наш, Кој си во небесата, ДА СЕ СВЕТИ ТВОЕТО ИМЕ (Матеј 6:9)

Исус не' Научи, да ја почнеме нашата молитва – со оддавање Слава на Небесниот Татко!
Па така, молитвите упатени кон починатите светци – нема да помогнат да ни се исполнат молитвите – туку напротив, ќе влијаат да Го разгневиме Господа! Зошто?  Затоа што Исус  е Тој Кој умре за нас и се застапува за нас пред Отецот! Исус и никој друг! Тој е наш Застапник, наш Посредник и наш Небесен Бранител, односно Адвокат!

5ЗАШТО БОГ Е ЕДЕН , И ЕДЕН Е ПОСРЕДНИКОТ МЕЃУ БОГА И ЛУЃЕТО: ЧОВЕКОТ ХРИСТОС ИСУС,6Кој се даде Себеси како откуп за сите, за сведоштво во вистинско време (1 Тимотеј 2:5,6)

„Тогаш да знаете сите вие и сиот Израелски народ: дека во името на Исуса Христа Назареецот, Кого вие Го распнавте, а Кого Бог Го воскресна од мртвите, преку Него овој човек стои здрав пред вас.11Тој е каменот што вие, ѕидарите, го отфрливте, а кој стана глава на аголот.12НЕМА СПАСЕНИЕ НИТУ ВО ЕДЕН ДРУГ, НИТУ ИМА ДРУГО ИМЕ ПОД НЕБОТО, ДАДЕНО НА ЛУЃЕТО, ПРЕКУ КОЕ МОРА ДА СЕ СПАСИМЕ. (Дела Апостолски 4:10-12)

1Дечиња мои, ова ви го пишувам за да не згрешите; и ако некој згреши, имаме Бранител при Таткото: Исуса Христа, Праведникот!“ (1 Јован 2:1)

А што е тогаш со Марија, се прашувате? Зарем не треба да ја славиме, бидејќи Го Роди Спасителот?  Исус не’ Предупреди и на тоа, Велејќи:

А кога го зборуваше тоа, една жена од множеството извика: „Блажена е утробата, која Те носела; и градите од кои си се хранел.”28А Тој рече: „Уште повеќе се блажени оние, кои го слушаат Божјото слово и го пазат.”  (Лука 11:27,28)

Самата Марија, откога Светиот Дух во неа Го Зачнал Исус, при посета кај својата роднина, рекла:

46И Марија рече: „Мојата душа Го велича Господа!47И МОЈОТ ДУХ СЕ ЗАРАДУВА ВО БОГА, МОЈОТ СПАСИТЕЛ,48зашто ја погледна смиреноста на Својата слугинка. И ете! Отсега сите родови ќе ме наречуваат блажена,49зашто Силниот изврши големи дела за мене и Неговото име е свето,50и Неговата милост од род до род, за оние, кои се бојат од Него“(Лука 1:46-50)

Овде забележуваме дека  Марија Го нарекува Господа НЕЈЗИН СПАСИТЕЛ! Тоа значи дека и таа самата имала потреба да биде спасена, како грешно човечко суштество!
Да ве потсетам: Библијата сведочи дека сите луѓе се грешни:

„Зашто сите згрешија и им недостасува Божјата слава (Римјаните 3:23)

Никој не е безгрешен, освен Богочовекот ИСУС!

 Тој не направи грев и не се најде измама во Неговата уста (1 Петар 2:22)

Како верници, нормално е да имаме потреба да учиме од некого за верата и да се угледаме на некого. Прв на Кој треба да се угледаме е Исус Христос, бидејќи Тој ни е Совршен Пример во секој поглед:

1И така, угледајте се на Бога, како возљубени деца (Ефесјаните 5:1)

Исус не се Молел на починати светци туку исклучиво на Неговиот Небесен Татко!  Проверете ги овие стихови:

Евангелие по Матеј 6:9-13, 11:25-26, 14:23,
Евангелие по Лука 6:12, 23:34,
Евангелие по Јован 11:41-42, 17:1-26

Исто така, и сите свети луѓе, кои Му биле послушни на Господа и својот живот го дале заради љубовта кон Него заслужуваат да бидат почитувани и да го следиме нивниот пример! Да бидат почитувани и да се угледаме на нив,  но не и да ги славиме!
Така, апостолот Павле им напоменал на Коринтјаните:

„Угледајте се на мене, како и јас на Христа“ (1 Коринтјаните 11:1 и Филипјаните 3:17)

Кога човек му се поклонил на апостолот Петар, тој одбил на тој начин да биде испочитуван!

25А кога Петар влегуваше, Корнелиј му излезе во пресрет, падна пред неговите нозе и се поклони.26А Петар го подигна, велејќи: „Стани! И јас сум само човек!  (Дела апостолски 10:26)

Мајката на Исус – Марија, исто така, кога добила вест дека ќе го роди Спасителот, во послушност се покорила на Божјиот План за неа и заради тоа навистина треба да ја почитуваме и да се угледаме на неа:

Марија му рече: „Еве ја Господовата слугинка, нека ми биде според твојот збор!” И ангелот си отиде од неа(Лука 1:38)

Но што е со ангелите? Дали нив можеме да ги обожаваме? И овде - одговрот е НЕ!
Ангелите се духовни суштества и средбата со нив предизвикувала луѓето да паднат во стравопочит пред нив. И самите ангели на луѓето им посведочиле дека обожавањето Го заслужува само Бог!
И паднав пред неговите нозе, да му се поклонам; и ми рече: „Не прави го тоа! Јас сум сослужител твој и на твоите браќа, кои го имаат Исусовото сведоштво. Поклони Му се на Бога, зашто Исусовото сведоштво е духот на пророштвото.” (Откровение 19:10)

8И јас, Јован, сум тој кој го чу и го виде ова, и кога чув и видов, паднав да се поклонам пред нозете на ангелот, кој ми го покажа ова.9И ми рече: „Не прави го тоа! Јас сум сослужител твој, и на твоите браќа, и на пророците, и на сите оние, кои ги пазат зборовите на оваа книга. Поклони Му се на Бога!” (Откровение 22:8-9)

ЗАКЛУЧОК: САМО ИСУС Е ДОСТОЕН НА НАШИТЕ МОЛИТВИ И САМО ТОЈ Е ОНОЈ, КОЈ МОЖЕ ДА ПОСРЕДУВА ЗА НАС, БИДЕЈЌИ ЕДИНСТВЕНО *ТОЈ* НЕ НАПРАВИЛ НИКАКОВ ГРЕВ:

14И така, бидејќи имаме Голем Првосвештеник, Кој поминал низ небесата - Исуса, Божјиот Син, да се држиме цврсто за исповедувањето!15Зашто, немаме првосвештеник кој не може да сочувствува со нашите слабости, туку Кој бил искушуван во сè како нас, освен гревот.16И така да пристапуваме смело кон престолот на благодатта, за да примиме милост и за да најдеме благодат, за помош, во време на потреба. (Евреите 4:14-16)

Пријатели, нека ова ве охрабри да почнете да ја читате Библијата, каде што изворно ќе се информирате, каков однос да изградите кон Бог и на кој начин да Му се молите! Ве молам да не бидете едни од оние кои ќе бидат осудени на вечна одвоеност од Бога, заради недостаток на знаење... И за да не бидете едни од оние за кои ќе се однесуваат овие најтажни Зборови на Исус:

21”Не секој, што Ми вели: ‘Господи, Господи!’ ќе влезе во Царството небесно, а оној, кој ја врши волјата на Мојот Татко, Кој е во небесата.22Мнозина ќе Ми речат во оној ден: ‘Господи, Господи, не пророкувавме ли во Твое име; не изгонувавме ли бесови во Твое име; и не правевме ли многу чуда во Твое име?’23И тогаш Јас ќе им изјавам: ‘Никогаш Јас не сум ве познавал; одете си од Мене вие, кои правите беззаконие!  (Матеј 7:21-23)

Пријатели, доаѓањето на Исус ни е „пред носот“! Да не робуваме на човечки измислици, ниту пак да ја препуштиме судбината на нашите души на човечки суштества, кои свесно или несвесно можат да грешат; Да се препуштиме на она што го кажува Светото Писмо, бидејќи само во Него е Вистината... И не заборавајте: Самиот Исус е Словото Божјо!

Целото Писмо е од Бога вдахновено и е полезно за поука, за изобличување, за поправање и за воспитување во правдата, за да биде Божјиот човек совршено подготвен за секое добро дело. (2 Тимотеј 3:16, 17)

Во почеток беше Словото, и Словото беше во Бога, и Словото беше Бог. (Јован 1:1)


И Словото стана тело и се настани меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото - полн со благодат и вистина (Јован 1:14)

Затоа да Го Славиме само Бога, а не Неговите созданија! Сета Слава Му припаѓа на Отецот, на Синот и на Светиот Дух - нашиот Еден и Единствен Троеден Бог!


АМИН!


Image result for people praying to statues

 
Image result for praying to saints