Tuesday, April 7, 2015

ЗА ЗНАЧЕЊЕТО И ВАЖНОСТА НА ПРИЧЕСТА

Дали во изминатите денови пред Велигден постевте?
Дали сте подготвени да одите во Црква и да земете причест? 
Како ја разбирате причеста? Симболично или  буквално?
Ајде да го разгледаме значењето на овој чин, на начин на кој што во црквите не се зборува...

Земањето причест преку јадењето леб и пиењето вино е директна наредба од Исус Христос, која Тој им ја Дал на апостолите непосредно пред Неговото Распнување. Таа е од огромно значење за благосостојбата на целокупната наша личност, - тело, душа и дух.

Таа е дадена за да бидеме благословени, за да бидеме здрави, да не се разболуваме и да не умреме.. Така е запишано во 1 Коринтјаните 11:30... 
Но, нели и тие што ја земаат причеста умираат? Па што значи тогаш тоа? Дали Библијата дава лажно сведоштво? Сигурно не!  Напротив, -  целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во правдата,
За да биде Божјиот човек совршен и годен за секое добро дело. (2 Тимотеј 3:16,17).

Земањето ја причеста, лебот и виното се симболика на она што треба да го внесеме во нашата душа, - што значи, мора да ја нахраниме душата со Небесниот Леб – ИСУС ХРИСТОС внесувајќи ја во себе сета Негова Моќ, прифаќајќи Го Неговото Слово и црпејќи од Него сила; Според тоа, со земањето причест ја храниме душата со Храна, која ни е Испратена од горе, со Љубов од Господа. Затоа е битно да се потенцира дека и на нашите души им треба храна, исто како што и телата имаат потреба за храна, и таа храна е Небесниот Леб и Вино. Значи, конзумирањето на Храна за душата никогаш не зависи од надворешното земање на леб и вино...

Оваа споредба била нужност да им се даде на Исусовите ученици, за да и тие потоа истото им го пренесат како нужност на нивните ближни, - како услов да бидеме благословени во Очите на Бог. 
Земањето на Небесниот Леб и Вино се неопходни за животот на душата, бидејќи на душата не и’ е потребно земање на материјалниот леб и вино, што е очигледен факт.  Исус секогаш го Имал на Ум нашиот духовен живот, па затоа ја Востановил причеста.  

Нашата глад и жед за Словото, сами по себе се доволни за да бидеме задоволни од Лебот на Животот што доаѓа од небото, Кој навистина е Исусовото Тело и Исусовата Крв, Кои обезбедуваат опстанок на душата, давајќи и Сила и Овозможувајќи ѝ вечен живот ... Земањето на материјалниот леб и вино никогаш не можат да обезбедат храна на човечката душа, доколку оној што ја зема причеста нема искрена желба за Словото Божјо и доколку не сака да се храни од Раката на Небесниот Леб. Бидејќи, само гладниот за Божјото Слово ќе дојде до Исус и ќе комуницира со Него. Само таквиот човек ќе дозволи Исус  да му Зборува. Само таквиот човек ќе ја нахрани душата со Храната што ќе го одржува и прави среќен. Како резултат на тоа, секој кој ужива само во вистинскиот леб и вино не може да се смета за гостин на Исусовата Трпеза на Љубовта. 
Човечката рамнодушност кон Божјото Слово, била таа која дала придонес во погрешното разбирање на Исусовите Зборови и Дела, бидејќи штом човечко суштество со полна пареа ќе почне да бара начин да си обезбеди живот на својата душа, тој автоматски ќе го разбере значењето на Зборовите на Исус и никогаш повеќе нема да биде задоволен само со извршување на надворешниот обред на земање на леб и вино... 

Секој човек кој се потпира на здравиот разум, го разбира земањето леб и вино само како фигуративна симболична споредба.

(А погледнете како причеста е разбрана денес – покриена со вел на мистицизам. Православната Црква го прокламира земањето леб и вино како да е вистинското Тело Христово! Како луѓето буквално да го конзумираат Христовото Тело и Крв.) Ваквото разбирање на причеста во времето кога Христијанството било во својот зачеток, донекаде и било оправдано, бидејќи првите Христијани - апостолите, земајќи причест секогаш замислувале дека Исус е меѓу нив, се потсетувале на Него и заедно го проучувале Неговото Слово.  На тој начин Исус навистина Бил меѓу нив, а тие биле гости на Неговата Трпеза на Љубовта... Впрочем, Исус Бил Тој, Кој го Скршил и им го Понудил лебот ...

Тие, внатре во своите срца  го слушнале Исусовиот Глас и вистинското значење на овој Обред ... Ги поучувале и другите да го практикуваат истото, па така, и тие исто така се собирале и кршеле леб. Се информирале едни со други за она, што Исус им го Открил, преку гласот на Духот. Првите ученици ги имале разбрано значењето на надворешната симболика на земање леб и вино, но за жал, оние кои  следеле по нив, започнале да придаваат повеќе значење на надворешната симболика на причеста, а така останало и до ден-денес. Сосема мал број Христијани го имаат разбрано подлабокото значење и ја земаат причеста, со духовна глад и жед за Исусовото Присуство во нивните животи. Таквите Христијани ќе Го имаат Исус како Гостин на секоја нивна трпеза. Ќе Му дозволат да Биде Присутен постојано со нив, без оглед каде се наоѓаат, бидејќи постојано чувствуваат глад и копнеж за Исусовото Присуство во нивните животи...

Секој оној, кој ќе биде обземен со Љубовта кон Исус, исто така ќе сака и да ја сподели таа љубов со луѓето околу него, делејќи земни и духовни дарови, бидејќи ќе се чувствува присилен да делува од љубов, штом веќе одвнатре е во контакт со Љубовта. Душата на таквиот човек непрестајно ќе прима Храна и исто така, непрестајно ќе ја споделува со другите, бидејќи е во постојана Комуникација со Исус и ќе биде свесен за Неговото Присуство одвнатре.

Разберете луѓе, ве молам, - причеста не е само надворешно земање на храна и пијалок; Исус Очекува многу подлабока врска, отколку само повремено земање на леб и вино. Нашите срца мора да се потполно подготвени да Го Прифатиме Него, - Кој е Љубов! Секој, кој копнее да живее живот исполнет со љубов ќе очекува љубовта да му биде возвратена, ќе копнее да Го Слушне Исус како му Зборува. Па така, таквиот човек најпрвин ќе дава, ќе споделува за да може потоа лично од Раката на Исус да Добие сладок дар – Исусовото Слово, кое е незаменлива Храна за неговата душа. 
Исус ни Вети дека ако сме гладни, Тој ќе не Нахрани со тоа што ќе го јадеме Неговото Тело и ќе ја пиеме Неговата Крв. Тој ќе вечера со нас и ние со него.

АМИН!

Референтни Библиски стихови, кои Го Портретираат Исус Христос како Светлината во светот, која стана Тело и како Леб, Кој луѓето треба да го Јадат за да имаат вечен живот:


                    
Евангелие по Јован 1:1-14
1. Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото. 2. Тоа во почетокот беше во Бога. 3. Сè стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана. 4. Во Него имаше Живот и Животот им беше светлина на луѓето. 5. И Светлината во темнина свети и мракот на ја опфати. 6. Имаше еден човек по име Јован, пратен од Бога;  7. тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него.8. Тој не беше Светлина, туку да сведочи за Светлината.9. Постоеше вистинска Светлина, Која го просветлува секој човек, што доаѓа на светов.10. Во светот беше и светот преку Него стана, но светот не Го позна. 11. Дојде при Своите и Своите не Го примија.12. А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде можност да станат синови Божји:
13. кои не од крв, ни од похот машка, а од Бога се родија. 14. И Словото стана тело и се всели во нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот.

Матеј 6:11
11. лебот наш насушен дај ни го денес;

Евангелие по Јован 6:32-35

32. Но Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: не Мојсеј ви даде леб од небото, а Мојот Отец ви дава вистински леб од небото. 33. Зашто лебот Божји е Оној, Кој слегува од небото и му дава живот на светот.” 34. Тогаш тие Му рекоа: „Господи, давај ни го секогаш тој леб!” 35. А Исус им рече: „Јас сум лебот на животот; кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и, кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни.

Откровение 3:20
20. Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.

1 Коринтјаните 11: 20-30
20. Но, собирајќи се така заедно, не значи дека јадете вечера Господова; 21. зашто секој брза да ја изеде својата вечера пред другите, така што еден останува гладен, а друг се опива. 22. Немате ли куќи за да јадете и пиете? Или ја презирате црквата Божја и ги срамотите оние, што не се имотни? Што да ви речам? Да ве пофалам ли за тоа? Не пофалувам!23. А јас го примив од Господа она, што ви го предадов; а тоа е дека Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб, 24. и, откако заблагодари, го прекрши и рече: „Земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас; правете го ова за спомен Мој!”

25. По вечера, исто така, зеде и чаша, па рече:”Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв; ова правете го, кога ќе пиете за Мој спомен!” 26. Оти, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господа, додека Он не дојде. 27. Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема телото и крвта на Господа.28. Но, човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. 29. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово. 30. Па затоа меѓу вас има многу немоќни и болни, а мнозина и умираат.