Friday, February 21, 2014

КАКО МОЖЕ ДА СЕ ОБЈАСНИ ПОСТОЕЊЕТО НА БОГ?





ЗА ДУХОВНИТЕ ПРАШАЊА ШТО ГО СТАВААТ ВО ДИЛЕМА ЧОВЕШТВОТО



Долгогодишното искуство покажа дека во голем број случаи, кога се разговара за Бог, луѓето поставуваат едни исти прашања. Затоа, во просториите на ХБЦ “Радосна Вест” од Скопје, се одржа еден вид отворена трибина, на која беа разгледувани најчесто поставуваните прашања за и околу Бог. Како резултат, произлезе и оваа статија.
Со надеж дека ќе биде од полза и на пошироката јавност, ја препорачуваме за секој човек, зашто, порано или подоцна, секој од нас си ги поставува прашањата кои се дискутирани овде. Желбата ни е, како христијани, да го дадеме својот придонес кон разбудување на општата побожност кај нашиот народ.
“...за да Го бараат, да допрат до Него и да Го најдат, затоа што Тој е близу до секој од нас. Бидејќи, преку Него живееме, се движиме и постоиме...”, Дела на Апостолите 17:27,28.
Од Издавачот


СОДРЖИНА

1. АКО БОГ ПОСТОИ, ЗОШТО НЕ МОЖЕМЕ ДА ГО ВИДИМЕ ? 
2. АКО НЕ МОЖЕМЕ ДА ГО ВИДИМЕ БОГ, ОД КАДЕ ЗНАЕМЕ ДЕКА ТОЈ ПОСТОИ?
3. АКО Е БОГ ЉУБОВ, НЕМА ЛИ ДА ГИ СПАСИ СИТЕ ЛУЃЕ ?
4. АКО Е БОГ ЉУБОВ И СЕМОЌЕН, ЗОШТО ДОПУШТА ЗЛО И СТРАДАЊА ?
5. ШТО ПРАВЕЛ БОГ, ПРЕД ДА ГО СОЗДАДЕ СВЕТОТ?
6. НЕ ЛИ Е ВЕРУВАЊЕТО ВО БОГ Н Е Н А У Ч Н О?
7. ШТО Е БОЖЈОТО ТРОЈСТВО: ЕДЕН БОГ ИЛИ ТРИ БОГОВИ?









1. АКО БОГ ПОСТОИ, ЗОШТО
НЕ МОЖЕМЕ ДА ГО ВИДИМЕ ?
Факт е:
“Никој, никогаш не Го видел Бога; Единородниот Син - Кој е Бог, и е во прегратките на Таткото - Тој Го објави”, Ев. според Јован 1:18.
А многумина би сакале да го видат Бога, меѓу кои беа и великиот Мојсеј и апостолот Филип:
“Тогаш Мојсеј рече: Те молам, дозволи ми да ја видам Твојата слава... Бог му одговори: ќе направам да помине целата Моја убавина пред тебе, извикувајќи го Моето име... Сепак, додаде Тој, Моето лице не ќе можеш да го видиш, зашто ниту еден човек не може да го види Моето лице и да остане жив”, 2 Мојс. 33:18-20.
“Филип му рече (на Исус): Господе, покажи ни Го небесниот Татко и тоа ќе ни биде до-волно”, Јован 14:8.
Но, кои се конкретните причини поради кои не можеме да го видиме Бога? Сигурно е дека постојат повеќе, а ќе наведеме три.


1.1. ОКОТО Е ОГРАНИЧЕНО

Иако нашите очи се прекрасна творба, живи видео камери во стерео техника, побрзи од кој и да е електронски уред, со способност да разликуваат повеќе нијанси и од најсовремените фотоапарати или камери, тие се сепак ограничени. Всушност, нашите очи можат да гледаат само еден мал, речиси занемарлив дел од појавите и нештата околу нас. Тоа може да се илустрира со шематски приказ на електромагнетниот спектар.



Видливиот дел од спектарот ги содржи седумте бои: виолетова, индиго, сина, зелена, жолта, портокалова и црвена. Од целиот електромагнетен спектар, видливиот дел за нашето око е само оној со бранови должини меѓу 400 и 800 нанометри (нанометар е милијардити дел од метарот). А електромагнетниот спектар ги опфаќа брановите должини од билионитиот дел од метарот до 100.000 метри! Значи, сите појави и нешта кои имаат мали бранови должини (што значи големи енергии!), односно оние во подрачјето на гама зраците, икс зраците и ултравиолетните зраци, нашето око не може да ги гледа. Истото важи и за појавите и нештата кои се наоѓаат во подрачјето со поголеми бранови должини од видливиот дел на спектарот, односно инфрацрвените зраци, потоа, микробрановите и радиобрановите. Нашето око е немоќно и неспособно да ги регистрира појавите и нештата во најголемиот дел од електромагнетниот спектар.
Имајќи го ова предвид, станува смешен, ненаучен и неразумен аргументот на некои луѓе кои велат: “Да видам, па ќе поверувам!”. Или “штом не се гледа - не постои!”.
Постои уште една причина којашто се надоврзува на првата и на некој начин претставува последица од првата. Имено, не можеме да го видиме Бога, бидејќи Бог е Дух.


1.2. БОГ Е ДУХ

Како последица на нашиот образовен систем, којшто наметнува исклучиво материјалистички поглед на светот, просечниот човек кај нас не верува во постоење на духовен свет. Од друга страна, Библијата, којашто е изложена на разновидни проверки и секогаш се покажува веродостојна, ни објавува дека постои духовен свет, супериорен над материјалниот. Централен дел на тој духовен свет е самиот Бог, Којшто е Дух.
“Бог е Дух”, Јован 4:24
“А Господ е Дух...”, 1 Кор. 3:17.
Погоре покажавме дека човековото око може да гледа само еден мал дел од материјалниот свет, а сега додаваме дека окото не е во состојба да ги гледа духовните суштества. Јасно е дека ние не ги гледаме ниту ангелите, ниту душите на луѓето, а најјасно е дека никој од нас не го видел Бога.
Свесни сме дека прашањето за духовниот свет заслужува поголемо внимание и простор, но тоа ќе го оставиме за понатаму. Во контекстот на прашањето “Зошто не можеме да го видиме Бог?”, овде ќе констатираме само толку, дека Бог е Дух, а нашето око не може да гледа духови.
Како трет можен одговор на прашањето за неможноста да го видиме Бога е и следниот:

1.3. ОПАСНО Е ПО ЖИВОТ !

На желбата на Мојсеј да ја види славата на Господ Бог, самиот Бог, меѓу другото рече:
“...ниту еден човек не може да го види Моето лице и да остане жив”, 2 Мој. 33:20.
Кога некои луѓе посакуваат да го видат Бог, тие и не помислуваат колку се наивни во таа своја желба. Ние одвај можеме да фрлиме поглед и во Сонцето, коешто е оддалечено од нас дури 150 милиони километри, а посакуваме да го видиме Бог! А Библијата ни објавува дека:
“...Господ, твојот Бог е оган што спалува...”, 5 Мој. 4:24. Евреите 12:29
Во Бог е сконцентрирана огромна енергија и на-шето тело, вакво какво што е, не би преживеало да се соочи со Бог.
Старозаветните првосвештеници можеле еднаш годишно да влезат во најсветото место на храмот, каде што Божјото присуство било нагласено. Посто-еле строги процедури за првосвештениците пред да влегуваат во Светињата над светињите. Не ретко се случувало некој од нив да биде убиен, ако не ги почитувал доследно строгите правила. Тоа било сериозен проблем, бидејќи никој не се осмелувал да влезе и да го извлече мртвото тело на првосвештеникот. Затоа, се практикувало, уште пред да влезе во најсветото место, првосвештеникот да биде врзан за ногата со едно подолго јаже, па ако не се појавел подолго време, се знаело дека настрадал и бил извлекуван со помош на јажето.
Ако го прочита претходниот параграф, дали се’ уште посакуваш да го видиш Бог???
Бог е оган, Бог е безгранична енергија, Бог е оте-лотворена сила и моќ и воопшто не е наивна желбата да се види Бог. Покрај сето ова, Бог е и апсолутна Светост, безгрешност и праведност и не поднесува грев пред Себе! Кој од нас би можел да се појави пред Бог?

ЗАКЛУЧОК

Постојат барем три причини поради кои не можеме да го видиме Бога. Прво, бидејќи нашето око и онака е ограничено и не е во состојба да го види најголемиот дел од појавите и нештата. Второ, Бог е Дух, а нашите очи не можат да гледаат духови. Едноставно, духовите се надвор од видното поле на нашите очи. Трето, да се види Бог значи да се загине, бидејќи самиот Бог ни објавува оти не е можно човек да го види Него и да остане жив.
Меѓутоа, има и добри вести. Божјите деца, христијаните кои се покајале и примиле прошка и доживеале новораѓање, преку вера во Исус Христос, еден ден ќе го видат Бога. Лично Бог ни го ветува тоа во Светото Писмо - Библијата:

“Драги мои, ние сме сега Божји деца. Се’ уште не знаеме што допрва ќе станеме, но знаеме дека кога Христос повторно ќе дојде, ние ќе станеме како Него, затоа што ќе Го видиме онаков каков што навистина е!”, 1 Посл. на Јован 3:2.
“Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога!”, Ев. по Матеја 5:8.

Сакаш ли да го видиш Бога? И не само Бога, туку и целиот духовен свет, вклучувајќи ги и оние кои починале со вера во Господа? Ако ги следиш упатствата на Библијата, ќе дојде ден кога ќе застанеш лице в лице пред твојот Творец, Господ Бог и ќе го видиш во сиот божествен раскош. И повеќе од тоа: ќе можеш да живееш со Него, без страв дека ќе загинеш. Дотогаш, живеј според верата и според Библијата и биди благодарен што не можеш сега да го видиш, бидејќи тоа би значело и твоја предвремена смрт.


2. АКО НЕ МОЖЕМЕ ДА ГО
ВИДИМЕ БОГА, ОД КАДЕ ЗНАЕМЕ
ДАЛИ ТОЈ ПОСТОИ ?


Голем број луѓе (си) го поставуваат ова прашање. Некои од нас се сосема искрени и навистина сакаат да го знаат одговорот; други пак, го поставуваат ова прашање со иронија, или барем со надеж дека нема да добијат одговор којшто ќе го поколеба нивното неверство.
Ние, луѓето, имаме два основни начина да ги запознаеме нештата и појавите кои н# опкружуваат:
(1) Преку нашите сетила (за вид, слух, допир, вкус и мирис), односно со помош на разни уреди и инструменти кои ги појачуваат или прошируваат можностите на нашите сетила, какви што се, на пример, микроскопот, телескопот, радиото, итн.
(2) Преку откровение. Под откровение не подразбираме некое мистично, субјективно доживување, туку, едноставно, иницијативата на она што го бараме, самото да ни се објави. На пример, кога децата играат криенка, понекогаш, и по долго барање не можат да го откријат оној што добро се скрил. Во таков случај, преостанува само можноста скриениот сам да се јави, т.е., да се открие.
Кога станува збор за прашањето, како можеме да дознаеме за постоењето на Бог, самиот Тој презел иницијатива да му се објави на човекот, на адекватен и сигурен начин. Навистина, за луѓето кои однапред се определиле да ја отфрлат секоја помисла за постоењето на Бог, нема аргументи со кои ќе ги увериме во спротивното, бидејќи се работи за несакање, а не за неможност да се утврди постоењето на Бог.
За чесните трагачи, Бог оставил барем три извори на информации за Своето постоење и за Своите особености (атрибути). Тоа се:
(1) Космосот - вселената, со сите свои компоненти;
(2) Библијата;
(3) Исус Христос - Неговата личност, живот, учење, смрт и воскресение.
Преку овие извори на информации, Бог се погри-жил да обезбеди многубројни и разновидни инфор-мации за Своето постоење. И секој човек, учен или прост, може со сигурност да знае дека Бог навистина постои. Споменатите извори на информации вршат притисок врз совеста на секој човек и ќе бидат доволна осуда за секој неверен фанатик кој ги игнорира.
Но, да кажеме по некој збор за секој од овие три основни извори на информации за постоењето на Бог.

2.1. КОСМОСОТ - ВСЕЛЕНАТА
ГО ОБЈАВУВА БОГА

Космосот претставува прв извор на информации за постоењето на Бог, достапен за сите луѓе, во сите времиња.
Колку и да се обидуваме да го објасниме светот без постоењето на Бог, нема да дојдеме до задоволителен одговор. Имено, ќе мораме да се соочиме со нужното постоење на една ПРАПРИЧИНА којашто била зачетник за создавањето на космосот, заедно со живиот свет во него. Нашето сознавање преку искуството или преку научните методи, секогаш е проследено со основниот принцип којшто секогаш одново се потврдува, имено: “НЕ ПОСТОИ ПОСЛЕДИЦА БЕЗ ПРИЧИНА; ПОСЛЕДИЦАТА НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПОГОЛЕМА ОД ПРИЧИНАТА”.
Применето на нашето прашање, тоа би значело следното: бидејќи космосот се состои од разновидни творби, кои се последица, мора да постои Творец, како причина.

• Бидејќи во космосот постојат закони, мора да постои и Законодател;

• Бидејќи во космосот постои интелегенција (разум), како што е, на пример, човековиот разум, мора да постои Интелект како Прапричинител, кој е супериорен во однос на постоечкиот инте-лект во космосот, којшто е само последица.

• Бидејќи во космосот постојат емоции, чиј врв е љубовта, мора да постои Прапричина - Личност за нивното постоење, којашто е нужно посупериорна во Своите емоции, па и во љубовта.

• Бидејќи во космосот постои чувство за морал, мора да постои Апсолутен Морал, којшто е Прапричина за постоењето на моралот воопшто.

• Бидејќи во космосот постои волја, мора да постои Суверена Волја, како Прапричина за нашата волја, на пример.

• Бидејќи во космосот постојат, за нашиот поим, безгранични величини, какви што се времето и просторот, мора да постои Прапричина којашто е Неограничена и Вечна во апсолутна смисла.

И така натаму, со доследна примена на неприкосновениот принцип на Причина и последица, кадешто Причината е секогаш поголема, посупериорна во однос на последицата, мора да се дојде до единствениот логичен заклучок, дека зад постоењето на космосот постои ТВОРЕЦ, ЗАКОНОДАТЕЛ ИНТЕЛЕКТ, ВОЛЈА, СУВЕРЕНА ЛИЧНОСТ, итн. Ваквите атрибути се апсолутни и зад нив може да биде само БОГ.
Значи, космосот, со сите свои компоненти, големи и мали, претставува изобилен извор на информации за постоењето на Бог. И никој не ќе има изговор. Еве и делови од Библијата кои го потврдуваат тоа:
“Она што може да се знае за Бог тие го знаат, зашто Бог тоа јасно им го покажа. Она што е кај Бог невидливо, Неговата вечна моќ и божествена природа, може јасно да се согледа преку создавањето на светот и да се разбере преку с# што е создадено. Затоа за безбожните нема оправдување.”, Посл. до Рим. 1:19,20.
“Кренете ги очите кон небото горе, гледај-те, и ќе видите кој ги создал ѕвездите!”, Исаија 40:26.
“Небесата ја раскажуваат Божјата слава и Просторот го објавува делото на Неговите раце...”, Псалм 18:1.
“Но запрашај ги животните и тие ќе те научат, и птиците на небото, и тие ќе ти кажат; или, растенијата на земјата, и тие ќе те поучат, и рибите во морето ќе ти ка-жат. Сите знаат дека Бог ги создал”, Книга за Јов 12:7-9.

2.2. БИБЛИЈАТА ГО ОБЈАВУВА БОГ

Библијата, којашто уште се нарекува и Божји Збор и Свето Писмо, претставува втор извор на информации за постоењето на Бог. Библиските информации обилуваат со голем број историски, археолошки, географски, етнолошки, биолошки, и други податоци, кои ни овозможуваат да ја провериме и утврдиме нејзината веродостојност. Библијата е многу повеќе од обична книга; таа претставува Божјо Писмо упатено до човекот. Во тоа Свое Писмо, Бог му го објавува на човекот не само Своето постоење, туку и Своите особености (атрибути), па и Своите намери кои се однесуваат на човекот и неговата животна средина.

Моралните стандарди зацртани во Библијата се совршени и упатуваат на Автор, којшто е апсолутно свет.

Општествените уредби (за управа, за однос кон земјиштето, сиромашните, болните, итн.), кои во изобилство ги среќаваме во Библијата, откриваат многу за Божјиот карактер како Праведен, Милостив и Вистинит во апсолутна смисла на овие атрибути.

Претскажувањата (пророштвата) кои се запишани во Библијата пред многу векови, постепено се исполнуваат и претставуваат силен аргумент дека зад Библијата стои Некој, којшто неприкосновено ја познава иднината, ја планира и ја насочува. Иако писателите се многубројни, Авторот на Библијата може да биде само Бог.
Накусо, Библијата сама по себе сведочи дека претставува Божја Книга, Божја информација за човекот. Библијата е со таква содржина, што, и кога би сакал да ја напише некој човек не би можел; а и кога би можел - не би сакал! Таа секогаш ја зборува вистината и на секој од нас му ја соопштува в лице, а тоа понекогаш боли!

2.3. ИСУС ХРИСТОС ГО ОБЈАВУВА БОГ

Исус Христос како личност, со Својот живот, дело, учење, смрт и воскресение, претставува уште еден извор на информации за Бог. Постоењето на Исус Христос како историска личност, воопшто не е спорно. Од Неговото раѓање започнува таканаречената “наша ера” или “нова ера”. За Неговиот живот постојат многубројни историски документи, покрај Библиските, кои не се во ништо помалку историски и веродостојни од другите, т.е. вонбиблиските.
За оние кои знаат дека Исус е историска личност, но не го прифаќаат за повеќе од обичен човек, проблемот е Христовото божество. Некои луѓе не прифаќаат дека Исус Христос е повеќе од човек, дека произлегува од самото небо и дека во суштина е Бог, односно дел од Божјото Тројство. Но, ваквото неверување е исклучиво производ на волјата, а не и на фактите. Фактите говорат дека Исус Христос секогаш ја зборувал вистината. Никој досега не пронашол ниту една лага во Неговите зборови. А Тој зборува дека произлегува од Таткото, дека е едно со Него; од Него дознаваме многу информации за Бог, во кои немаме причина да се сомневаме. А и самиот Исус Христос е информација за Бог. Неговиот престој на Земјата и Неговото пожртвовно дело на спасение на паднатиот човек, Неговото учење, живот, смрт и воскресение, се силни сведоштва дека Исус Христос е Вистинит, Праведен, Свет, Семоќен, Вечен... Тоа се Божји атрибути, што значи дека Исус Христос е рамен на Бог, дел од Божјото Тројство, Божји Син.
“Во почетокот постоеше Зборот и Зборот беше со Бог и Зборот беше Бог... Зборот се отелотвори и престојуваше меѓу нас. Ние ја видовме Неговата слава - славата што Тој ја прими како Единороден од Таткото, полн со благодат и вистина”, Јован 1:1;14.
Тој Збор, или Логос, како што стои во изворниот текст, се однесува на Христос. А Тој ни донесе и оригинални информации за Бог, бидејќи оттаму потекнува.
“Никој, никогаш не Го видел Бога; но Едино-родниот Син - Кој е Бог, и е во прегратките на Таткото - Тој Го објави”, Јован 1:18.


З А К Л У Ч О К

Во одговорот на прашањето за постоењето на Бог, ги посочивме основните три информации врз основа на кои секој може да се увери дека Бог навистина постои и дека се погрижил да му се објави на човекот. Колку и да се спротивставуваме, овие информации вршат силен притисок врз совеста на секој човек, да го признае постоењето на Бог. Природата на информациите од кои дознаваме за Бог е таква, што никој не ќе има изговор, а само безумните можат да ги игнорираат.
“Безумник е тој што во срцето си вели: Бог не постои!”, Псалм 14:1.
И само во своето срце, зашто совеста вечно ќе го прогонува со спротивното уверување!
А на сите чесни истражувачи, Бог им дал изобилство од информации.
“...за да Го бараат, да допрат до Него и да Го најдат, затоа што Тој е близу до секој од нас”, Дела на Апостолите 17:27.


3. АКО Е БОГ ЉУБОВ, НЕМА ЛИ
ДА ГИ СПАСИ СИТЕ ЛУЃЕ?


Ова прашање допира две значајни теми: за љубовта на Бог и за спасението на луѓето. Во својот прв дел, ова прашање ја третира Божјата љубов во условен модус: “Ако е Бог љубов...”.

3.1. ПРАШАЊЕТО ЗА БОЖЈАТА ЉУБОВ

Секако дека Бог е љубов! Од љубов кон човекот, Бог му создал прекрасна и уникатна планета, за да живее и да се храни, да ужива во бројните убавини. Од љубов кон човекот, Бог секојдневно, на секој од нас му простува многубројни гревови, иако Неговата правда вели: Платата за грев е смрт!”. Кој од нас нема барем еден грев? А, според Божјото Право, еден грев е доволен да загинеш! Од љубов кон луѓето, Бог Го прати и Својот Единороден Син, Исус Христос, за да ја плати казната што требаше да ја платиме јас и ти. Од љубов кон човекот, Бог покажа милост и му овозможи да се врати во вечноста; нешто што не го овозможи ни за паднатите ангели!
Всушност, Бог е максимална, апсолутна, отелотворена љубов. Затоа Библијата едноставно вели: “Бог е љубов!”, 1 Посл. на Јован 4:8,16, и на друго место пак:
“Зашто Бог толку го засака светот, што Го даде Својот Единороден Син, за да не загине ниту еден што верува во Него, туку да има вечен живот”, Јован 3:16.
Да се сомневаме во Божјата љубов е исто како да се сомневаме во Сонцето што н# грее, или во водата што ни ја гаси жедта, или во животот што го живееме!
Меѓутоа, Бог не може да се опише само со еден атрибут. Бог е љубов, но...
- Бог е и ОГАН!
- Бог е и СУДИЈА!
- Бог е и ОДМАЗДНИК!
Да погледнеме само неколку стихови од Библијата:
Внимавајте добро да не го заборавите Заветот што Господ го склучи со вас... Зашто Господ, твојот Бог, е оган што спалува. Тој да ти биде единствен Бог!”, 5 Мојс. 4:23,24.
“Зашто знаеме дека Бог рекол оти ќе казни и ќе се одмазди; исто така рекол и дека Господ ќе му суди на Својот народ. Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!”, Евр. 10:30,31.
Да не потсетуваме дека Бог е и совршена и апсолутна Правда, Светост...
Бог е хармонична личност и совршено урамно-тежен во сите атрибути. Луѓето кои се надеваат дека Бог, од љубов, на крајот сепак ќе ги спаси сите луѓе, или барем нема да ги казни, не ја сфаќаат совршената хармоничност на Бог. Имено, Бог не е 100% љубов, 90% светост, 80% правда, итн. Ниту еден од Божјите атрибути не е ниту поголем, ниту помал од другите. Бог е апсолутна љубов, апсолутна светост, апсолутна правда, итн. И додека Божјата љубов му подава рака за измирување на грешниот и бунтовен човек, Божјата правда ќе го казни секого којшто се определил да си остане во грев. А платата за гревот е позната и однапред објавена!

3.2 . ПРАШАЊЕТО ЗА СПАСЕНИЕТО

Спасението во христијанската наука означува враќање на човекот во славата, во вечноста, во безгрешноста и бесмртноста, во Божјото присуство. Операцијата на спасување на грешниот човек, во целост ја изведе Бог. Божјиот Син, Исус Христос, доброволно стана жртва на Божјиот праведен гнев кон гревот, за да стане наш посредник при измирувањето со Бог. Се’ што се бара од човекот е со вера да ја прифати веќе свршената операција на спасување.
Човекот е создаден како морална личност, по образец на Бог. Тоа значи дека човекот има право на избор: да ја прифати Божјата понудена милост, или да не ја прифати. Но, тоа значи и дека човекот ја прифаќа и одговорноста и последиците од својата одлука.
Личното спасение на поединецот е условено со личен, позитивен одговор на Божјата иницијатива преку:
(1) Покајание
(2) Вера
(3) Духовен препород (новораѓање)
(4) Посветување
Покајанието опфаќа признавање на сопствената грешност и обраќање кон Бог за прошка.
Верата опфаќа прифаќање на Христовата жртва како целосно и совршено наплатена казна за твоите лични гревови, и доверба во Бог дека од Негова страна, Христовата жртва е наполно прифатена.
Духовниот препород, или новораѓањето ти е неопходно за да добиеш небесно жителство, без кое нема да влезеш во Царството Божјо.  (Јован 3:3) Духовното наново раѓање е видливо кога верникот ќе добие некои од духовните дарови, кои ги дава Светиот Дух  (1 Коринтјаните 12 глава).
Посветувањето значи одвоеност за духовна служба преку твоите дарби, во секоја пора на секојдневниот живот, и живеење според Божјите свети уредби. Значи, Божјите постапки се совршено хармонизирани и никакви противречности овде нема:
Љубов, (Јован 3:16), но и казна (Евр. 10:28-31);
Вечен живот, но и вечни маки (Матеја 25:46);
Прегратки Аврамови, но и пекол (Лука 16:22,23);
Златен град, но и Огнено езеро (Откр. 20:15).


З А К Л У Ч О К

Имајќи ја предвид совршената хармоничност на Божјите атрибути, не гледаме тешкотии да ги сфатиме, како изјавите на Библијата за Божјата огромна Љубов, така и оние за Божјата огромна Светост и Праведност. Бог ќе им прости и ќе ги спаси сите оние кои во овој земен живот ќе се покајат, ќе се обратат кон Него, ќе поверуваат во Исус Христос и ќе живеат според Неговите уредби. Но, Бог ќе ги осуди на вечни маки, на вечна смрт, на пекол, сите оние кои нема да се покајат, нема да се обратат кон Него, нема да поверуваат во Исус Христос и нема да живеат според Неговите свети уредби. Многу места во Библијата го потврдуваат тоа:

“...едни на вечен живот, а други на срам и вечен укор”, Даниел 12:2.
“...тие ќе отидат во вечни маки, а праведниците во вечен живот”, Матеја 25:46.
“Секој човек, чие име не се најде запишано во Книгата на животот, беше фрлен во Огненото Езеро”, Откр. 20:15.
Заради Својата Светост и Праведност, Бог не Го поштеди ни Својот Единороден Син, Исус Христос, Кој, иако без грев, на Себе ги зеде моите и твоите гревови и беше казнет за нив. Од истите причини Бог не ги поштеди ни милионите ангели кои отпаднаа поради непокорноста кон светите Божји уредби. Нив ги чува за вечен суд, (види: Посл. на Јуда 6).
Да, Бог е љубов. Но, не, Бог нема да ги спаси сите луѓе. Неговата љубов ќе ја почувствуваат само оние кои ќе се покајат. А Неговиот гнев и казна ќе ги почувствуваат сите оние кои, не сакајќи да се откажат од грешниот живот, се откажуваат од Бог.
Библијата вели:
“Ако двајца или тројца сведоци потврдат дека некој го прекршил Мојсеевиот Закон, виновникот може да биде осуден на смрт. Што мислите, колку потешка казна заслужува оној што ќе Го омаловажи Божјиот Син...? Зашто знаеме дека Бог рекол оти ќе казни и ќе се одмазди; а исто така рекол и дека Господ ќе му суди на Својот народ. Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!”, Евр. 10:28-31.

4. АКО Е БОГ ЉУБОВ И СЕМОЌЕН,
ЗОШТО ДОПУШТА ЗЛО И СТРАДАЊА?


Ова е едно од најтешките прашања кое им се поставува на христијаните. Најчесто, ова прашање се поставува како индиректно оспорување на постоењето на Бог, сметајќи на следното:
(1) Ако е Бог љубов, како што веруваат и учат христијаните, тогаш Тој не би дозволил злото да постои, невините да страдаат, итн.
(2) Ако е Бог семоќен, како што веруваат и учат христијаните, тогаш Тој би го уништил злото. Според тоа, Бог или не е љубител на доброто или не е семоќен.
(3) Ако постои Бог којшто е љубов, милостив, справедлив и семоќен, тогаш злото не би постоело. Според тоа, Бог не постои или пак злото е посилно од Него.
Би било интересно, на атеистите да им се постави противпрашањето, како тие го објаснуваат постоењето на злото, откако, според нив, ете, Бог не постои? Кого тогаш ќе го обвинат за злото и страдањата?
Иако прашањето е мошне тешко и постојано ак-туелно, од древните филозофи кои се обидувале да дадат некакво толкување за потеклото на злото, па с# до модерната филозофија, социологија и психологија, кои не помалку ги мачи оваа мистерија, од Библијата можат да се добијат најрелевантни информации.


4.1. ПРИРОДАТА НА ЗЛОТО


Тешкотијата започнува веќе од самиот обид да се дефинира злото. Врз основа на Библиската наука како целина, произлегува дека злото е всушност изопачено добро! Имено, Кога Бог го заврши создавањето на светот (вселената и сите живи суштества), изврши инспекција врз сите творби и констатира:
“Тогаш погледна Бог на сите Свои творби, и ете, се’ беше добро”, 1 Мојс. 1:31.
Според ова, злото не е некоја творба што ја соз-дал Бог. Злото е појава којашто произлезе од злоу-потребата на добрите Божји творби. За да го разја-сниме тоа подетално, да се обидеме да направиме некаква класификација на злото.
1. Постои универзално зло од кое страдаат луѓето. Тука би ги вбројале таканаречените “природни катастрофи”, како што се земјотресите, поплавите, вулканските ерупции, громовите, ураганите, итн.
2. Постои морално зло од кое страдаат луѓето. Тука би ги ставиле сите злодела и страдања кои прозлегуваат од алкохолизмот, дрогата, блудствата, насилствата, грабежите, убиствата, војните, подметнатите пожари, итн.
Прашањето сега е, како дошло до тоа, една хармонично создадена Вселена, да му се одмаздува на човекот со “природни катаклизми”? И како дошло до тоа, човекот, кој беше создаден “според образецот на Бог”, да пројавува такви морални дегенерации со кои нанесува зло и на себеси и на другите? Има ли Бог удел и одговорност во врска со злото?

4.2. ПОТЕКЛОТО НА ЗЛОТО

Според Библијата, злото и страдањата се директна последица од гревот. А гревот е прекршување на Божјите совршени уредби и законитости, кои беа поставени од самиот Творец Бог, за да функционира беспрекорно се’ што беше создадено и да живеат среќно сите живи суштества. Првиот грев, па со тоа и првото зло, се појави со Луцифер - едно духовно суштество (херувим). Еве што вели Библијата за тоа:
“Ти беше херувим, поставен да засенуваш; и Јас те поставив... беше совршен во своите постапки, од денот кога се роди, додека не се изроди беззаконие во тебе... се исполни со насилство однатре и почна да грешиш... твоето срце се возгордеа од твојата  убавина и ја изопачи својата мудрост со својот блесок...”, Езекиел 28:13-17.
“...си велеше во своето срце: ќе се вивнам во небото, ќе го издигнам својот престол над Божјите ѕвезди... ќе се изедначам со Севишниот...”, Исаија 14:13,14.
Потоа Луцифер заведе третина од ангелите и во својата грешна амбиција да се изедначи со Бог, започна разурнувачки дејствија врз Божјите творби. Ова беше првиот атак врз хармоничната вселена создадена од Бог.
Понатаму, Библијата известува и за побуната на првите луѓе, Адам и Ева, против Божјите уредби. Иако тие беа поттикнати од Луцифер (Сатана, Ѓавол, Старата Змија, се само некои од описните имиња на паднатиот Луцифер), Адам и Ева имаа и своја одговорност, зашто имаа своја суверена волја која тие самите ја контролираа.
Веруваме дека деталите за појавата на гревот, а со тоа и на злото и страдањата, ќе ги проучите директно од Библијата. Во контекстот на ова прашање, важно е да ги посочиме последиците кои настанаа поради непочитување на Божјите свети уредби за одржување на хармоничноста на вселената и на животот, како нејзин дел.
А последиците беа следните:
(1) Земјата, како планета, беше проколната, заради гревот на луѓето:“...Земјата нека е проклета заради тебе; ќе работиш напорно преку целиот твој живот, за да можеш да се прехраниш... Трње и троскот ќе ти раѓа... со пот на лицето свое ќе јадеш леб, се’ додека не се вратиш во земјата од која си земен”, 1 Мојс. 3:17-19.
Овде ќе додадеме дека ова беше само почеток на изопачувањето на добрата Земја, зашто во текот на времето, како што се намножуваше гревот, таа трпеше се’поголеми проклетства. На пример, после универзалниот потоп, за којшто соопштува Библијата, беше разурната водената обвивка околу Земјата, со што целосно се измени климата. Да не спомнуваме и за современите разурнувања на озонскиот слој околу Земјата, потоа за бројните загадувања, неконтролирани експлоатации на земните богатства..., со што страдањата на луѓето се намножуваат: рак на кожата и генетски деформации заради дупките во озонскиот слој, генетските пореметувања заради радиоактивните зрачења, последиците од употребата на секогаш опасните хемикалии, кои се’ помасовно се користат во производство на храната...
Сите овие зла кои ги класифициравме како “универзални”, му нанесуваат многу страдања на човештвото и на природата, а ако сме барем малку чесни, вината за универзалното зло нема да ја бараме кај Бог! Сето тоа е неминовна последица од гревот, со кој Бог нема ништо заедничко!
(2) Човекот стана извор на дополнителни престапи: завист, убиства и неморал од секаков вид. Исто така, како последица на гревот, човекот си заработи непријател од кој секогаш губи: смртта. А смртта е сигурно најголемото зло за човекот и најболното страдање. Смртта, значи, според Библијата, не е природна појава, туку неприродна, наметната последица и плод на гревот.
Да се вратиме сега на мислата дека злото е всушност изопачено, злоупотребено и расипано добро. Земјата беше добра во секој поглед. Но, Луцифер и човекот со своите намерни прекршувања на поставените законитости, ја изопачија, ја расипаа и продолжуваат во истата насока. Луцифер беше создаден како чист и безгрешен, но и со сопствена волја којашто ја злоупотреби. Човекот исто така. Од моралната внатрешна корупција на Луцифер и на човекот, произлегува моралното зло, поради кое страдаме сите ние. Демонските сили продолжуваат да пакостат:
“Ние не се бориме против луѓе од крв и месо, туку против владетелите, властите и мрачните сили што владеат со овој наш свет и против злите духовни сили на небото”, Еф. 6:12. Човекот е морално деформиран, без исклучок: “Нема ниту еден праведен, нема ниту еден разумен, нема кој да го бара Бога. Сите застранија, станаа неподобни: нема кој да прави добро, нема ниеден! Грлото нивно отворен гроб; со јазиците свои мамат, под јазиците нивни - змијски отров! Устата нивна е полна со клетви и горчини. Нозете им се брзи за пролевање крв; пустош и маки по нивните патишта...”, Рим. 3:10-16.
Значи, Бог создаде добри творби, меѓу нив и Луцифер и човекот, но тие добри творби, користејќи се со својата слободна волја, се изопачија. Еве и некои поконкретни илустрации. На пример, Бог го создаде човекот со извесна физичка сила, за да може да се движи, да работи... Но, човекот ја користи таа, во суштина добра дарба, за да убива луѓе! Можеме ли да ја префрлиме вината врз Бог за оваа злоупотреба?
На сличен начин можеме да ги разгледаме и другите добрини кои Бог ги вградил кај човекот, а човекот ги злоупотребува: креативноста, која можеме да ја користиме за корисни пронајдоци, но и за убиства, војни, измами, кражби. Или сексуалната способност, која во суштина е добар дар за брачен живот, но може да се злоупотреби и за силување, блуд, перверзии... Човекот може да ги злоупотребува буквално сите добрини и да ги претвори во зло. Во таа смисла и рековме погоре, дека злото во суштина е “изопачено добро”, а не некоја творба што ја создал Бог. А злоупотребата, или “расипувањето” на доброто, произлегува од слободната волја што ја има човекот, и зарем и за тоа ќе го обвиниме Бог?


4.3. СУДБИНАТА НА ЗЛОТО

“Зошто Бог не го уништи злото?”, прашуваат некои луѓе. Ако внимателно го прочитавте погоре напишаното, размислете, што може да направи Бог, за да го уништи злото? Бидејќи злото е всушност извитоперено, злоупотребено добро, ќе произлезе дека Бог би морал да го уништи доброто, за да го спречи злото! Тоа би значело, дека Бог би требало да го уништи и човекот! Замислете, на пример, дека Бог решил да го уништи сето морално зло, утре, во 5 часот. Колкумина од нас ќе останат живи во 5 часот и една минута??? Но, тоа не значи дека Бог е во стапица, во пат позиција. Еве што дознаваме од Библијата, за судбината на злото.
(1) Луцифер, сатаната, ѓаволот, ќе биде отстранет засекогаш. Апостолот Јован, во визија го видел и го запишал следното: “Тогаш ѓаволот, кој ги заведуваше, ќе биде фрлен во Огненото Езеро полно со запален сулфур, каде што претходно ќе бидат фрлени и Ѕверот и лажниот пророк. Таму ќе бидат деноноќно мачени, за вечни времиња”, Откр. 20:10.
(2) Христијаните, оние вистинските, кои преку покајание, вера и посветување пристапиле при Господа, ќе бидат препородени преку Светиот Дух и ќе добијат нова природа, којашто ќе се бори против злото. Препородот, новораѓањето е накалемување нова природа кај вистинските христијани, која се развива преку духовен растеж. Духовнот растеж доаѓа преку Светиот Дух, а врз основа на библиските пораки, христијанското заедништво, молитвениот живот и други духовни активности. Новата природа прераснува во нова, безгрешна личност, која на денот на Воскресението, ќе добие ново, безгрешно тело. Ќе биде тоа славно, духовно тело, неврзано за време и за простор. Ете, тоа е едната варијанта и Божји план за обновување на грешниот човек, а со тоа и за елиминација на злото.
(3) Безбожниците, неверниците, непокајаните, неоправданите луѓе, кои ќе одбијат да го прифатат Божјиот план за духовен препород преку покајание, вера во Исус Христос и посветен живот, ќе завршат на исто место како и ѓаволот.
“Ги видов и мртвите, мали и големи - сите до еден стоеја пред белиот престол. Прво беа отворени некои книги, а потоа и Книгата на животот. На мртвите им беше судено според она што за нивните дела го пишуваше во книгите”, Откр. 20:12,15.
И повторно, во следната глава од Откровението објавено на апостолот Јован:
“А на плашливците и неверниците, на поганите и на убијците, на блудниците и маѓесниците, на идолопоклониците и на сите што лажат, делот им е во Езерото што гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт”, Откр. 21:8.
Значи, Бог има свој план за отстранување на злото и ќе го спроведе без отстапување. А зошто Бог веќе не го сторил тоа, останува Негово суверено право. Тој секогаш дејствува во вистинското време, според Својот календар! А дотогаш, наместо да си ја удираме главата со зошто, како и кога, многу поважно е како ќе се поставиме кон злото и страдањата. Имено, имаме две можности:
(1) Да филозофираме околу злото и страдањата, или,
(2) да ги извртиме на добро.
Ако се определиме за првата можност, сме ја промашиле целта. Ако пак, се определиме за втората можност, постапуавме мудро. А еве зошто.
Страдањата можат да служат и за добар исход. На пример, преку нив може да се изградува нашиот карактер:
“Но тоа не е сe. Ние се гордееме кога страдаме, затоа што знаеме дека страдањето раѓа стрпливост, стрпливоста го гради карактерот, а тој ни дава надеж”, Рим. 5:3,4.
Страдањата можат и да не’ приближат до Бог. Имено, кога човек е в болница или доживува несреќа, повеќе размислува за целта на своето постоење, за животот, за смртта, за своите животни определби... Во таа смисла, мудриот Соломон пишува:
“Покорисно е да појдеш на погреб, отколку на веселба, зашто таков крај ги очекува сите луѓе и тоа треба да им биде за поука на живите”, Проповедник 7:2.

Страдањата можат да ни користат и во сузбивањето на разурнувачката гордост. Еве како ги прифатил страдањата апостолот Павле:
“Но, за да не станам премногу горделив заради тоа што видов многу прекрасни нешта, во моето тело ми беше даден трн, гласник од сатаната, за да ме клука и да не станам премногу горделив”, 2 Кор. 12:7.
Страдањата, исто така, можат да создадат од нас поголеми авторитети за да поучуваме, а особено да утешуваме. Нашиот збор на утеха, упатен кон нажалените нема да вреди, ако ние не сме минале низ слични искуства. Факт е дека луѓето се утешуваат кога крај себе имаат друштво од сострадалници. Тогаш, некако, маката полесно се поднесува.
И така натаму. Страдањата се како силен ветер: или ќе не’ искорнат, или ќе не’ натераат да ги продлабочиме своите корења. Зависно од тоа, како ќе се поставиме. А една од предностите на вистинските христијани е што тие се учат да се постават мудро кон страдањата, кои се неизбежни во грешните тела, меѓу грешните луѓе и на грешната планета. А имаат и припомош од самиот Бог, којшто ветува: “Еве, Јас сум со вас во сите дни, се’  до свршетокот на векот”, Матеја 28:20.


5. ШТО ПРАВЕЛ БОГ
ПРЕД ДА ГО СОЗДАДЕ СВЕТОТ?

Постојат прашања кои се од витална важност за животот на човекот, а постојат и такви кои произлегуваат исклучиво од љубопитноста. Овие вториве, иако не се нужно иронични, цинични и злобни, немаат некое длабоко значење, бидејќи одговорот веројатно не би имал никакво практично значење за судбината на човекот.
Прашањето кое овде го обработуваме спаѓа во вторава група, зашто одговорот не би изменил ништо во однос на нашата позиција пред Бог и пред вечноста која е пред секого од нас. Затоа, за ова прашање можеме да дознаеме само толку, колку што Бог решил да ни објави во Светото Писмо до човекот - Библијата. Но, еве, да видиме, што дознаваме од Библијата за активностите кои се одвивале кај Бог, пред создавањето на светот.

5.1. ПОСТОЕЛЕ ЉУБОВТА, СЛАВАТА, ОПШТЕЊЕТО

Во Својата првосвештеничка молитва, Исус Христос, меѓу другото, рече:
“Татко, сакам оние што Си ми ги дал, да бидат со Мене таму каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава, што ми ја даде Ти, зашто Ме засака уште пред создавањето на светот”, Јован 17:24.
“И сега, прослави Ме Ти, Татко, во Себе, со славата што ја имав со Тебе уште пред создавањето на светот”, Јован 17:5.
“...вечниот живот, што го вети Вечниот Бог, пред создавањето на светот”, Тит 1:2.
Во овие три цитати , заеднички е изразот: “пред создавањето на светот”, што значи дека активностите за кои се зборува во нив, се одигрувале пред да постоиме ние и светот што го познаваме.
Во првиот цитат се зборува за љубовта што ја имал Таткото (Бог), кон Синот (Исус Христос). Од Библијата дознаваме дека Бог, иако е Еден, се обја-вува во три лица: Татко, Син и Свет Дух. Таквата објава на Бог е позната како Свето Тројство, изразена преку љубовта.
Тоа се гледа и од другите два наведени цитати, каде што се зборува за славата што ја имал Христос пред создавањето на светот, а и за ветувањето што е дадено меѓу личностите на Светото Тројство, за вечниот живот на луѓето кои ќе бидат спасени (деталите за ова се наоѓаат на многу места во Библијата).
Така дознаваме дека пред создавањето на светот, постоела љубовта, постоела славата, постоела комуникацијата. Оттука следува и заклучокот дека потребата од меѓусебна љубов, меѓусебно општење (комуникација) се вечни доблести и не се врзани исклучиво со човекот, туку и за чисто духовните личности, какви што се Лицата на Светото Тројство.
Што уште дознаваме за активностите на Бог, пред создавањето на светот?

5.2. ПЛАН, ИЗБОР, ВЕТУВАЊА, РЕГИСТЕР

Ако внимателно се анализира создавањето на светот, според Библијата, ќе се забележи дека сето тоа е изведено плански. На пример, најпрво е создадена светлината, а не животните или растенијата! Ние сега знаеме дека без светлината не е можен животот. А потоа, водата, атмосферата, земјата, па дури потоа живиот свет! Во сето ова се гледа совршено планирање, бидејќи најпрво се создадени сите неопходни предуслови за животот каков што го познаваме ние, а дури потоа и самите живи творби. Оттука, со право заклучуваме, дека создавањето на светот е грижливо планирано однапред.
Но, уште подиректно, од Библијата дознаваме дека, пред создавањето на светот, Бог го испланира и спасението на човекот! Бог секако знаел дека човекот ќе падне во грев и ќе ја загуби славата, општењето со Бог и вечниот живот. Затоа, Бог подготвил план за избавување на човекот и го определил Исус Христос да биде жртвеното Јагне, кое ќе ја плати цената на спасението:
“...Кој е предзначен уште пред создавањето на светот...”, 1 Петр. 1:20.
да биде:
“...Јагнето, жртвувано пред создавањето на светот”, Откр. 13:8.
Во тој план за спасението, беше извршен и избор:
“...како што не’ избра преку Него, уште пред создавањето на светот... откако предопредели да не’ посини за Себе, преку Исус Христос...”, Еф. 1:4,5.
По извршениот план и избор, Бог даде и ветување:
“...вечен живот, што го вети вечниот Бог, пред создавањето на светот”, Тит 1:2.
Од Библијата дознаваме уште и тоа, дека е изготвен регистер со имињата на сите луѓе кои ќе бидат спасени:
“...имиња... запишани во Книгата на животот, уште пред создавањето на светот”, Откр. 17:8.




З А К Л У Ч О К

Библијата ни открива извесен број информации кои се однесуваат на активностите кои се одвивале пред создавањето на светот. Најважно од се’, Библијата ни го открива постоењето на Бог, надвор од нашите поими за време, простор и материја. Се работи за персонален Бог, Кој се одликува со љубов, со слава, со волја, со предзнаење, итн. Во Божјите активности се гледа и совршено и долгорочно планирање.
Освен реченото погоре, во некој момент на вечноста, пред создавањето на светот, Бог ги создал и духовните суштества, какви што се ангелите, серафимите, херувимите, архангелите. Не знаеме точно кога во минатото се создадени тие и какви биле нивните активности пред создавањето на нашиот свет, иако од Библијата и за нив може да се дознае по нешто.
Од сето напишано погоре, произлегува дека од Библијата може да се дознае по нешто за активностите на Бог пред создавањето на светот. Секако, тоа не е исцрпен извештај, зашто намената на Библијата е многу попрактична и поважна за нас. Сепак, треба да се нагласи дека тоа што го открива Библијата, се сигурни факти и ниедна друга книга или човек не може да каже ни толку за тоа, што се случувало пред создавањето на светот. Може да се нагаѓа, да се претпоставува и фантазира, но не и да се знае.



Што правел Бог пред да го создаде светот?

Па, планирал, комуницирал во Советот на Светото Тројство, создавал духовни суштества, регистер на спасени луѓе, раководел...
Постоеле љубовта, општењето, планирањето, изборот, волјата; дадени се далекусежни ветувања.
Пишувани се имињата на луѓето кои ќе се спасат. Определен е Исус Христос како извршител на планот за спасението на човекот...
Истражувајте ја Библијата и во неа ќе откриете уште многу повеќе од тоа што го прочитавте на овие страници.


6. НЕ ЛИ Е ВЕРУВАЊЕТО ВО БОГ
НЕНАУЧНО?


Еден од најчесто нагласуваните аргументи на атеистите е дека верувањето во Бог во денешно време е не само застарено, туку и - ненаучно!
Притоа, многу се манипулира со изразите “ненаучно” и “научно е докажано”, па така, смело се тврди дека “научно е докажано дека Бог не постои”. Меѓутоа би било фер, најпрво да се дефинира, што значи тоа научно е докажано, или, на кој научен начин е докажано дека Бог не постои?
Треба да се има предвид, дека науката многу пати се изгорела од сопствените догматски тврдења во даден временски период, за потоа самата себе да се оспорува, поправа, дополнува и проширува. Науката е таа којашто со векови тврдела дека Земјата е плоча, дека атомот е неделив, дека материјата е неуништива и многу други, сега веќе надминати и по малку смешни тврдења, сите во името на науката.
Но, да се вратиме на поважното: што е тоа наука, односно научна метода, со која нешто се докажува? Иако има различни објаснувања, горе-долу за научен пристап се сметаат следниве активности:
1. Истражување на фактите (преку набљудувања, мерења, снимања, итн.);
2. Логично систематизирање на фактите;
3. Толкување (хипотеза/теорија);
4. Натамошни истражувања заради проверка, потврда, поништување или проширување на толкувањата, т.е., на теоријата.
Ако се сложиме дека споменатите четири чекори претставуваат опис на научниот пристап, тогаш многу тешко би можело да се повикаме на наукатаза да докажеме дека Бог не постои. Имено, како што тоа го покажавме при обработката на прашањето број 2, Ако не можеме да го видиме Бог, од каде знаеме дали Тој постои?, со доследна примена на научниот принцип за Причина и Последица, може да се дојде до логичен заклучок дека Бог мора да постои, како крајна причина, односно Прапричинител за постоењето на с# друго.
Освен тоа, треба да се има предвид дека науката има пристап речиси исклучиво во материјалниот свет, а како што веќе порано нагласивме, Бог е Дух и нашите научни методи се немоќни во изучувањето на светот на духовите.
Згора на ова, постојат и таканаречени “феномени”, односно, појави кои де факто се “ненаучни”, па сепак постојат! На пример, пред неколку години, на домашната телевизија беше прикажан еден млад човек, како преку своето тело спроведува електрична струја: во рацете држеше две вилушки на кои пред очите на сите нас, пржеше колбас! Тој човек се нудеше да седне на електричен стол и тврдеше дека нема да го усмрти! Ова е ненаучно, бидејќи согласно научните сознанија, сето тоа не е можно без смртоносни последици!
Меѓутоа, бидејќи ова сепак беше очигледно, наречено е “феномен”!
Дали феномените се “ненаучни”?
Имајќи го предвид погоре реченото, можеме само да се сложиме дека постоењето на Бог, па и верувањето во Него, може да се смета за “наднаучно”, т.е., надвор од доменот на науката и научните методи, но во никој случај не може да се смета дека е “ненаучно, противнаучно” и слично, а најмалку можеме да се сложиме дека научно е докажано непостоењето на Бог!
Исто така, треба да се потсетиме и на фактот дека најголемиот број славни научници имале непоколеблива вера во Бог, најчесто искажана од нив самите. Меѓу нив се Исак Њутн, М. Фарадеј, Луј Пастер, Едисон, Флеминг, Алберт Ајнштајн, Вернер фон Браун... Тоа се луѓе кои ги удрија темелите на современата наука, го одведоа човекот во вселената, н# задолжија со низа научни достигнувања. И не само што науката не ги одвои од Бог, туку уште повеќе ги увери во Неговото постоење.
На пример, Вернер фон Браун, човекот кој раководеше со леталата Аполо, со кои првиот човек стаса на Месечината, изјави: Колку подлабоко навлегувам во Вселената - толку повеќе зајакнува мојата вера во Бог!.
Можеме ли сите овие и многу други научници од врвен ков, да ги прогласиме за “ненаучни”, затоа што верувале во Бог??? Зарем ние сме поголеми научници од сите нив? Како можете да си објасните, овие луѓе да бидат во исто време и големи научници и големи верници, ако верувањето во Бог е ненаучно, ако научно е докажано дека Бог не постои?
И на крајот, кој е тој научник што докажал дека Бог не постои?

З А К Л У Ч О К

Верувањето во Бог во никој случај не може да се смета за ненаучно. Веројатно најдобар доказ за тоа се големиот број врвни научници, кои истовремено верувале или веруваат во Бог.
Со доследна примена на научниот принцип на каузалност (Причина и Последица), се доаѓа до единствениот можен заклучок, дека Бог постои. За тоа сведочи и нашата совест, Библијата и Исус Христос.
Кога се во прашање стандардните научни методи за истражување, неопходно е да се потсетиме дека експерименталната наука се занимава исклучиво со материјалниот свет. А Бог е Дух и како таков се наоѓа надвор од истражувачкото поле на науката. Затоа, во најдобар случај може да се каже дека, верувањето во Бог е “наднаучно”, но не и ненаучно, или противнаучно.




7. ШТО Е БОЖЈОТО ТРОЈСТВО:
ЕДЕН БОГ ИЛИ ТРИ БОГОВИ?

Некој рекол: Ако се обидеш да го сфатиш Божјото Тројство, ќе го загубиш умот; ако пак се обидеш да го порекнеш - ќе ја загубиш душата!Можеби е ова премногу строго изречено, но има длабочина во сето тоа.
Светото Тројство подразбира еден Бог, Кој истовремено се манифестира во три Лица: Татко (Отец), Син и Свет Дух. Иако во ова нема математичка логика, оваа вистина е прилично нагласено објавена во Светото Писмо - Библијата.
Дека се работи за еден, а не за три богови, Библијата содржи многу цитати. Еве само неколку:
Вака вели Господ... Господ над војските: Јас сум Првиот и Јас сум Последниот. Нема друг Бог освен Мене, Исаија 44:6.
Вака вели Господ, Кој ги создаде небесата, Кој ја создаде земјата и ја утврди; Тој не создаде хаос, не ја создаде да биде ненаселена: Јас сум Господ и нема друг!, Исаија 45:18.
Ти веруваш дека Бог е Еден: добро правиш..., Јаков 2:19.
Зашто, Еден е Бог...”, 1 Тимотеј 2:5.
Од друга страна, Тој Еден Бог, постојано се објавува во множина (ако се има предвид оригиналниот текст). На пример:
Потоа, Бог рече: да го создадеме човекот..., 1 Мојс. 1:26.
И Бог рече: ете, човекот стана како еден од нас..., 1 Мојс. 3:22
Исто така, еден од најчесто употребуваните зборови за Богво Стариот Завет, Елохим, е всушност именка во множина (еднина е “Ел”).
Апостолот Јован пишува во своето Прво послание, 5:7:
Зашто, Тројца се Кои сведочат на небото: Таткото, Зборот и Светиот Дух; и Тројцата се едно.
“Зборот(на грчки Логос), се однесува на Исус Христос.
Исус Христос нагласуваше: Јас и Таткото сме едно, Јован 10:30.
А за Светиот Дух, пак, Библијата ни објавува дека произлегува од Таткото; Испратен е од Таткото на молба на Синот (Јован 14:16), и ќе Го прослави Синот - Исус Христос (Јован 16:14).
Троединиот Бог, Кого ние Го веруваме, можеби најдобро е искажан во формулата за Библиското крштевање:
Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Таткото и Синот и Светиот Дух, Матеја 28:19.
Овде пишува “во името”, значи еднина, едно име, а сепак се спомнуваат трите Лица на Светото Тројство, како составен дел на тоа име.
Според тоа, наспроти логичките потешкотии, ние не веруваме во три богови, туку во еден Бог, Кој е множина и Кој се објавува во три Лица. Тие три Лица се совршено претопени во едно: едномислени се, една волја имаат, еден стандард, итн. Затоа претставуваат еден Бог.
Иако е тешко да се сфати Троединиот Бог, во природата постојат барем приближни илустрации за нешто слично. Така, на пример, светлината е своевиден феномен, бидејќи има двојна пририда: корпускуларна и бранова.

Тоа значи дека се однесува и како да е материјална, составена од честички, а исто така и како да е од бранова природа. Тие две природи на светлината се неразделни, односно, дел се од една иста појава - светлината.
Или, на пример, просторот. Тој се состои од три координати и само трите координати заедно можат да го претставуваат поимот простор. Еден поим е, но, во себе содржи три компоненти. Слично може да се разгледува и јајцето, на пример. Тоа се состои од лушпа, белка и жолчка; но, тие три делови сочинуваат една појава јајцето.
Сите овие и многу други примери од природата, не се идеални илустрации за Троединиот Бог, но корисни се за минимална претстава на едно нешто, коешто сепак е множина.
Освен реченото досега, некои библичари ги посочуваат и творбите и појавите околу нас, кои се индиректна потврда дека Бог е Тројство. Имено, голем број појави и величини, во себе содржат тројни компоненти, што се смета за одраз на самиот Творец Кој ги создал.
Така, на пример, и самиот човек се смета за тројство: дух, душа и тело. Потоа, природните науки се трокомпонентни:

Хемијата ја дели материјата на елементи, смеси и соединенија.

Физиката зборува за три агрегатни состојби: цврста, течна и гасовита.

Биологијата го изучува живиот свет, којшто опфаќа три глобални групи: растенијата, животните и човекот (ботаника, зоологија и анатомија).

Математиката оперира со позитивно, негативно и нула. Просторните дисциплини (архитектура, градежништво, итн.) оперираат со должина ширина и висина.

Времето се дели на минато, сегашно и идно.

И така натаму. Поентата е, ако е Творецот “Трокомпонентен, тоа ќе се одрази и во Неговите творби. Секако, дека оваа теза не е занемарлива.
Веројатно може да се пишува уште многу нешто во врска со Божјото Тројство, но веруваме дека и ова што овде е речено, ќе биде доволно. Впрочем, нека остане простор и за верата, којашто е клучен фактор во животот на христијаните, Зашто, барем толку, Му должиме на Бог.


Преземено од: